Над 470 илјади граѓани со право на глас во главниот град

Скопјани денеска гласаат на локалните избори 2025, каде што избираат меѓу 16 кандидати за градоначалник на Град Скопје и 19 листи за советници во Градскиот совет, кој брои 45 члена. Право на глас во главниот град имаат 474.304 граѓани.
Од кандидатите за градоначалник само една е жена. Граѓаните на Скопје, покрај тоа што гласаат за градоначалник и совет на Градот, избираат и градоначалници и советници во општините каде што живеат, добивајќи четири гласачки ливчиња кои по гласањето се ставаат во обележани кутии.

Изборна трка во градот и општините

За функцијата градоначалник на Скопје се натпреваруваат: Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ и коалиција), Каја Шукова (СДСМ и коалиција), Драган Николовски (група избирачи), Сашо Маневски, Зоран Јованоски (Единствена Македонија), Амар Меционовиќ (Левица), Демир Исмаил (Сојуз на Ромите), Владимир Куноски (Работничка партија), Александар Тортевски (Партија Твоја), Срџан Амет (Политичка партија Унија на Роми Скопје), Александар Трајановски (коалиција ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР), Вангел Божиноски (Родина Македонија), Скендер Реџепи (ДУИ и коалиција), Владимир Трајковски (Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти), Горан Марковски (Независни заедно) и Александар Рашковиќ (ТМРО).

Општините со свои кандидати и листи

Во Аеродром, каде што гласаат 68.772 лица, шестмина кандидати се во трка за градоначалник, меѓу кои Дејан Митевски (ВМРО-ДПМНЕ и коалиција) и Александар Трајановски (СДСМ и коалиција). Поднесени се 10 листи за советници со 270 кандидати.

Во Бутел има 33.116 гласачи и четворица кандидати за градоначалник, меѓу кои Дарко Костовски (ВМРО-ДПМНЕ) и Оливера Ливриниќ (СДСМ). Поднесени се 19 листи со 228 кандидати за советници.

Во Гази Баба, со 61.438 гласачи, во трка се седум кандидати за градоначалник. Таму се поднесени 12 советнички листи со 324 кандидати.

Во Ѓорче Петров, со 39.678 избирачи, има четворица кандидати, меѓу кои Александар Стојкоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Костадин Ацевски (СДСМ).

Во Карпош, каде што гласаат 56.856 лица, петмина кандидати се борат за функцијата, меѓу кои Сотир Лукровски (ВМРО-ДПМНЕ) и Маја Мојсова Мијовска (СДСМ).

Во Кисела Вода се гласа меѓу седум кандидати, а во Избирачкиот список се запишани 53.643 гласачи.

Во Сарај, со 34.341 гласач, градоначалник ќе избираат меѓу четворица кандидати,

додека во Центар, каде што се запишани 44.109 избирачи, петмина кандидати влегуваат во изборната трка.

Во Чаир право на глас имаат 58.458 лица, а за градоначалник се натпреваруваат тројца кандидати.

Во Шуто Оризари, каде што има 23.893 гласачи, се води најмногу кандидатска трка – осуммина се борат за градоначалничката функција.

Доколку ниту еден кандидат не добие потребно мнозинство во првиот круг, вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.