Кичево, Тетово и Полошко најпогодени од врнежите
Центарот за управување со кризи информираше дека до 13:30 часот најсериозни последици од обилните врнежи се евидентирани во Тетово и Полошкиот регион. Подрачјата што ги покриваат РЦУК Тетово и РЦУК Гостивар бележат повеќе интервенции поради поплави и свлечишта.
Во Тетово е пријавен пад на потпорен ѕид врз семејна куќа на улица 146, по што на терен излегле Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа и инспекциски служби. Свлечишта се регистрирани на патот кон Попова Шапка, околу 150 метри од жичарата, како и на улица 195 на правецот од село Џепчиште кон село Џермо, каде патот е непрооден. Свлечиште е пријавено и на улица „Прохор Пчински“, додека во село Вејце има одрон над куќа со претходни оштетувања од земјотрес.
Во Општина Желино, реката Вардар се излеала во село Стримница и поплавила пет куќи, а пристапот за интервенција е отежнат. Во Теарце се поплавени подруми, додека во Јегуновце е зафатен локалниот пат од Сиричино кон Јегуновце. Во Гостивар, по престанокот на дождот, реките во Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлекле во коритата. Во Форино, по излевањето на Вардар, поплавени се околу 200 куќи и во тек е испумпување на водата.
Критично е во Кичево и Форино, а детално за тамошната ситуација прочитајте од веста во продолжение:
ПОПЛАВИ ВО ПОВЕЌЕ РЕГИОНИ: Најкритично во Форино и Кичево, евакуирани 220 лица
Куманово и Липково без моментална опасност
Во Кумановскиот регион, како и во општините Липково и Старо Нагоричане, во моментов нема опасност од нови излевања, бидејќи водостојот е намален и реките се повлекле во коритата.
Од вчерашните врнежи, во село Опае е поплавено земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река, а дел од површините се зафатени и во Оризаре. Во Доброшане, кај мостот кон Шупли Камен, имало насобран отпад и локално излевање, но во моментов нема опасност. Во населбата Бедиње надојдената река однела дрвен мост, за што се известени надлежните служби.
Кичево и Скопје со намалено ниво на реките
Во Кичево врнежите престанале, а нивото на реките е во опаѓање. Состојбата во градската болница е нормализирана. Евакуирани се 250 лица од 62 семејства, на кои им се обезбедени храна, вода и неопходни средства. Екипите на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка. Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита.
Во Скопскиот регион е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери, на границата меѓу општините Аеродром и Гази Баба, како и минимално излевање на Вардар кај Пакошево – Ново Село во Општина Зелениково. Засега нема други пријави.
