Кирил Пецаков – градоначалникот на општина Охрид информираше дека одредени улици се блокирани, а поплавени се домови и има штети на земјоделските култури. Поради тоа, тој го свикал кризниот штаб на општина Охрид по невремето што денес го зафати „македонскиот бисер“.
„Од првичните информации со кои располагаме, отежнат е сообраќај на одредени улици поради обилните врнежи и големата вода која се уште се слива, има пријави за поплавени домови, дворови, куќи а штетата на земјоделските култури очигледно ќе биде огромна бидејќи невремето кое траеше повеќе од половина час беше проследено со врнежи од град со големина на лешник и орев“, рече Пецаков.
Според него, сите пумпи за исцрпување на вода со кои располага општината се ставени на располагање на Територијалната противпожарна единица Охрид, каде во најголем дел се пријавуваат поплавите.
„Вршиме напори со соседните општини за набавка на дополнителен број пумпи, иако колекторот е ставен стопроцентно во функција и во најголем дел од критичните места ќе се исцеди надојдената вода. Проблем има на пресекот помеѓу АСНОМ и булеварот Туристичка, со струјата која ги знабдува пумпите од колекторот, но се решава. Проблем има и во планинските села каде има наноси од земја. Се надеваме дека до вечер ќе успееме да го нормализираме сообраќајот насекаде. Екипите на општинските Јавни претпријатија остануваат во полна готовност доколку произлезе потреба за брза реакција“, додаде градоначалникот Пецаков.