Поплавени домови, улици, пренасочени летови и огромни штети врз земјоделските насади остави зад себе силното невреме кое го зафати охридско-струшкиот регион.

Авион од Шведска кој требаше да слета на охридскиот аердром по неколку часовно кружење беше пренасочен во Тирана. Дел од домовите на граѓаните таму се поплавени, а штетите врз земјоделството допрва ќе се проценуваат. Градоначаникот на Охрид вели дека екипите на општинските служби се на терен и се санираат последиците.

„Стануваше збор за големи зрна град, колку орев и најголемите штети ќе бидат во земјоделието. Сите пумпи со кои што располага локалната управа се поставуваат каде што е најпотеребно, а потоа во подрумите доколку има поголема потреба од пумпи ќе ги обезбедиме со помош на другите општини, поголемиот проблем е во сообраќајот, имаше и проблеми со електричната енергија, но веќе е тоа оспособено се исцеди водата во сообраќајниците.“ – изјави Кирил Пецаков градоначалник на Охрид.

Невремето предизвика штети и врз земјоделските насади во Дебрца. Градоначаникот бара од Владата системско решавање на проблемот со осигурувањето на земјоделските култури од елементарни непогоди кои, како што забележа, поради климатските промени ќе бидат се почести.

„Во сите тие делови каде што беа зафатени од градот штетите на земјоделските култури се стопостотни, во оваа прилика апелирам и до Владата и до ресорното министерството системски да го реши обештетувањето на земјоделците, како што со години наназад го најавува.“ – изјави Зоран Ногачсеки градоначалник на Дебрца.

Според прогнозите на УХМР невремето ќе продолжи во текот на целиот ден.

„Во попладневните и вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно локално со пороен дожд грмежи и засилен ветар, локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме проследено со обилен пороен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветар и изолирана појава на град.“ – изјави Јована Тасевска од УХМР.

Центарот за управување со кризи предуреди дека поројниот дожд може да предизвика и брзо зголемување на водостојот на реките, поради што апелираат на претпазливо движење покрај помалите реки и суводолниците.

Од ЦУК велат дека граѓаните чии домови се поплавени може за испумпување на вода помош да побараат од противпожарната служба и Дирекцијата за заштита и спасување. Во меѓувреме се уште се проценуваат штетите од невремето што минатата недела зафати повеќе градови во земјава.