Во Гази Баба со порака до граѓаните – време е да се поразат лагите и измамите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на народниот митинг во скопската општина Гази Баба порача дека претстојните избори се пресвртница на која граѓаните ќе го направат вистинскиот избор што ќе донесе ред, работа и проекти. Тој нагласи дека време е да се поразат лагите, измамите и политичките трикови кои, како што рече, предолго ја држеле државата во место. Настапот беше дел од изборната кампања со слоганот „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“.

„Овие избори се, всушност, токму тоа – да се одбере вистинската страна, да се направи вистинскиот избор кој ќе донесе ред, работа и проекти. Ова се избори за вашето маало, вашата улица, на кои се избира твојот човек, но и избори со кои се праќа порака до политичарите кои како сидро премногу долго ја влечеа надолу државата,“ рече Мицкоски.

Тој нагласи дека граѓаните веќе се заморени од празни ветувања и политички игри.

Без програма, без визија – само лаги и реторика, порача Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека неговите политички противници немаат програма, идеи и визија, туку, како што рече, нудат само „гола реторика и трикови“.

„Отсуството на програма говори дека тие, всушност, и немаат сериозна намера да одиме напред, туку само гола реторика за нови измами и трикови во политиката. Јас сум во политиката за да оставам трага и создадам вредности, тие другите се во политиката за да ги полнат џебовите и поради лични привилегии. Голтари влегоа во политика, милионери излегоа. Но, и ова се избори кога триковите и измамите мораат да бидат поразени“, нагласи Мицкоски.

Тој се осврна и на, како што рече, „непринципиелната коалиција во Скопје“, за која посочи дека нема стратегија и визија, но и дека нивната кампања се заснова на лаги и дезинформации.

„Кога го слушам претседателот на СДСМ, Венко како кажува невистини за буџетскиот дефицит, за инфлацијата, БДП, задолженоста, ми доаѓа да му кажам: во ред, држи се до медицината, затоа што очигледно, повторно, некој те носи во длабокото каде што немаш, навистина, основно познавање,“ истакна Мицкоски.

Тој му порача на Филипче дека „буџетскиот дефицит не е 1 милијарда и 400 милиони евра, како што тој вели, туку повеќе од двојно помал – 600 милиони, што е најмалку за два пати помал од тоа што СДСМ го остави“.

„А инфлацијата, ќе ве потсетам – 2023 година 9,4%, 2022 – 14,2%. Не им пречеа 9,4% и 14,2%, им пречат денешните 3 и пол до 4 проценти. Таква е економската логика во СДСМ,“ додаде тој.