Мислев ќе стивне, како што стивнувало и претходно, но сега веќе имам должност да ги затворам сите шпекулации, инсинуации, евентуални желби и потреби кои доаѓаат од разни агли на општеството во врска со мој претпоставен ангажман (или желба) за вклучување во активна политика или на некакво раководно место во СДСМ.

Изминатите 7-8 години или барем откако СДСМ е на власт, јас немам никакво учество, активитет или улога во партијата. За волја на вистината, ниту некој побарал суштински совет од мене, ниту пак биле прифаќани моите јавно искажани, и секојпат добронамерни, совети и предлози за подобро функционирање на државата. Сиве овие години, моите ставови за општествените текови јавно ги искажувам преку моите колумни, писанија, јавни настапи и проекти коишто ги работам. За некои ставови сум бил жестоко критикуван, за некои тивко поддржуван.

Така и во иднина, мојата активност и порив за подобро и праведно општество, за до-освојување на слободата и за враќање на изгубените или никогаш стекнатите вредности ќе се одвива во овие рамки. Се разбира, рамките се стеснуваат или шират во зависност од општествените и политички околности…

Сепак, како човек од крв и месо, одржувам пријателски односи и имам емоција и почит кон голем број членови, симпатизери и поддржувачи на СДСМ со кои во еден исклучително тежок период за Македонија сме се бореле за демократија и слобода – пишува Георгиев.