Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во хуманитарната емисија „Канал 5 и Македонија за Кочани“ изјави дека Владата обезбедува максимална финансиска поддршка за семејствата на жртвите од трагичниот пожар во Кочани. Таа потенцираше дека обезбедувањето на финансиска поддршка е клучен фокус за помош на семејствата чии блиски се лекуваат во странски болници.
Министерката истакна дека помошта на Владата ќе продолжи долгорочно, поради сложеноста на процесот на закрепнување.
„Уште од првиот ден Владата изрази јасна и недвосмислена намера да помогне. Ние веднаш донесовме одлука за пренамена, односно издвојување на финансиска поддршка за семејствата чии блиски се на лекување надвор од земјата. Нашата цел беше да им помогнеме во моменталната состојба, пред сè во покривањето на трошоците за нивниот престој и транспорт. Владата обезбедува целосна поддршка и на Црвениот крст во активностите за прибирање на финансиските донации, затоа што беше неопходно да реагираме брзо и целиот процес да биде ефикасен“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Гордана Димитриеска-Кочоска потенцираше дека сите повредени пациенти од Кочани се згрижени и дека трошоците ги покрива државата. Таа објасни дека нема потреба семејствата дополнително финансиски да се оптоваруваат во вакви моменти.
Според неа, финансиската поддршка од Владата ќе биде континуирана, а крајната сума не може однапред да се процени.
„Сите повредени пациенти добиваат соодветна медицинска грижа, а државата стои зад тоа. Нема потреба семејствата на жртвите да издвојуваат дополнителни лични средства. Оваа финансиска поддршка од страна на Владата нема да заврши сега, туку ќе продолжи и понатаму. Во овој момент не може однапред точно да се знае колкава ќе биде крајната сума што ќе биде потребна. Нашата цел и приоритет е сите повредени кои моментално се лекуваат надвор од државата да ги вратиме дома и секако, да му помогнеме на Кочани со конкретни инвестиции“, потенцираше Димитриеска-Кочоска.
Министерката се осврна и на контролите кои почнаа да се спроведуваат по трагедијата во Кочани. Таа истакна дека ваквите трагични настани покажуваат колку е важно доследно и без исклучок да се применуваат законите.
„Оваа трагедија во Кочани јасно и недвосмислено ни покажа дека законите кои веќе ги имаме напишано мора целосно и доследно да ги почитуваме во практиката“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Извор: Kurir