Градоначалникот Ѓорѓиевски по повод Илинден порача дека нашата генерација има света должност за Македонија
Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, по повод 2 Август – Илинден, порача дека нашата генерација има света должност за Македонија: да ја чува, брани и унапредува.
„На Илинден, нашите предци ја започнаа својата борба за создавање на македонската држава, борба што ја продолжија многу знајни и незнајни јунаци кои ги положија своите животи на олтарот на слободата, за Македонија да биде дом за својот народ“, објави Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека на 2 август 1903 година, македонските дедовци му покажале на светот дека огнот на слободата што гори во срцето на Македонецот е нескротлив.
„Тој пламен продолжи да гори и преку Илинденците од 1944, за да се роди современата македонска држава“, наведе Ѓорѓиевски.
Тој подвлече дека денеска, како генерација, имаме света обврска да ја продолжиме борбата на претходниците.
„А денес, ние имаме света должност – да ја чуваме, браниме и унапредуваме оваа исконска земја. Ние, нашата генерација“, напиша тој.
Во објавата исто така додаде: „Јас верувам во нашата генерација! Македонија ќе живее, затоа што има горди синови и ќерки кои безрезервно ја љубат! Честит и вечен нека е Илинден!“