Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ги претстави клучните инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат во општина Гази Баба, со цел растоварување на сообраќајот и модернизирање на градската инфраструктура.
Меѓу најавените проекти се изградба на клучката во Хиподром, трета лента на булеварот „Александар Македонски“, првата фаза од булеварот „Хрватска“, како и нов водоводен крак за Автокоманда, Железара и селата во општината.
Ѓорѓиевски истакна дека клучката во Хиподром ќе овозможи директно поврзување со улицата „Пролетна офанзива“ и значително ќе го растовари источниот влез во Скопје, додека трета лента на булеварот „Александар Македонски“ ќе обезбеди побрз и поефикасен проток на возилата кон Автокоманда.
Паралелно, првата фаза на булеварот „Хрватска“ ќе воспостави стратешко поврзување меѓу Гази Баба, Бутел и Чаир, додека новите мостови и реконструкции на улиците „Перо Наков“ и „Февруарски поход“ ќе ги олеснат врските со општина Аеродром.
„Со овие проекти ќе создадеме брзи, функционални и безбедни врски меѓу општините, ќе го олесниме секојдневието на граѓаните и ќе поставиме нови стандарди за урбано и сообраќајно планирање“, порача Ѓорѓиевски.