Ѓорѓиевски најавува конкретни чекори за ред и урбан амбиент
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари конструктивна средба со скопските угостители, на која беа договорени важни чекори за подобрување на нивната работа и на севкупниот урбан амбиент во градот.
– Ако сакаме Скопје да биде чист, уреден и функционален град, мора да поставиме јасни правила и да работиме заедно, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека секој угостителски објект ќе набави сопствени контејнери и ќе добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање на отпад, како и термин за собирање кој ќе важи единствено за правните субјекти.
– Ова ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање, рече градоначалникот.
Нов советник за секојдневна комуникација со угостителите
За советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и кабинетот е избран Драган Арсовски, долгогодишен професионалец во секторот.
– Тој ќе биде мостот кој ќе ја олеснува координацијата, ќе ги решава проблемите на терен и ќе обезбеди континуирано подобрување на условите за работа, објасни Ѓорѓиевски.
Тој исто така најави дека до 15 јануари ќе се достават елаборатите за користење на урбаната опрема која досега не се наплаќаше, со што се очекува воспоставување јасен ред.
– Ова се клучни моменти кога сите заедно се ставаме во служба на граѓаните – одговорно, посветено и со јасна цел. Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но го враќаме и редот. Нашиот град заслужува да биде полн со енергија, младост и креативност, а тоа е можно само со силна поддршка и вистинско партнерство со угостителскиот сектор. Благодарен сум за разбирањето и поддршката. Скопје заслужува да биде град на култура, современ урбан живот, силна економија и заедно ќе стигнеме до таа цел, заклучи Ѓорѓиевски.
