„Домаќинското работење“ како основа на резултатите
Најдобар прв квартал во историјата на Скопје и убедливо најдобра реализација на капитални инвестиции, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во НАТКАСТ на КУРИР.
Тој нагласи дека успехот се должи на тимска работа и начин на управување.
„Тајната на успехот е домаќинското работење. Јас ова не го работам сам, имав совршен тим во Кисела Вода, а имам одличен тим и во Град Скопје. 12 соработници од мојот тим ги земав од Кисела Вода. Во Град Скопје има луѓе со сериозна институционална меморија на кои во минатото никој не им давал шанса со години наназад“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека целиот процес го води заедно со тимот и дека работат деноноќно.
„Јас знам да мотивирам како човек кој што ги води процесите, давам сѐ од себе, работиме буквално деноноќно и во такви услови се мотивира и тимот. Не сум од оние класични работодавци кои немаат чувства, емоции, не знаат да се однесуваат со вработените, напротив, јас сум посветен да мотивирам. Ја сфатија поентата и суштината на моето функционирање дека зад себе сакам да оставам дела и тоа е првиот клуч кој ви прави една компактна целина“, рече тој.
Фискална дисциплина и намалување на долгови
Ѓорѓиевски ја истакна важноста од кратење на непродуктивните трошоци и воведување фискална дисциплина. Според него, токму тоа придонело за финансиска стабилизација.
„Кратење на непродуктивни трошоци, сериозна фискална дисциплина која недостасуваше години наназад придонесе најпрво да ги исчистиме долговите на Град Скопје. Во моментов не должиме никому. Драматично се намалени и долговите на јавните претпријатија. Кумулативно, ние имаме над 50 милиони евра за 6 месеци намалување на обврските во јавните претпријатија и во Град Скопје. Целосно сме ликвидни, функционални и можеме да почнеме со реализација на крупни проекти“, рече градоначалникот.
Откочени проекти и најави за нов период на инвестиции
Тој посочи дека се откочени проекти за кои со години се зборувало и дека токму затоа првиот квартал бележи историски резултати.
„Сметам дека и вториот квартал таков ќе ни биде и таков тренд ќе имаме во наредниов период од следниве 4 години“, изјави Ѓорѓиевски.
