Благодарност до МВР, граѓаните и Зоолошката градина

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во НАТКАСТ на КУРИР се осврна на случката со волкот и реакцијата на институциите и граѓаните.

Тој истакна благодарност до припадниците на МВР, од каде што, како што рече, била добиена дојавата. Потоа им се заблагодари и на граѓаните кои совесно реагирале и пријавиле.

Посебно се заблагодари и на вработените во Зоолошката градина во Скопје. Според него, тие реагирале веднаш со успивање на животното, негово носење до ЗОО и соодветен третман. Во процесот подоцна се вклучила и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Прашања за безбедност и чување на животни

Ѓорѓиевски посочи дека постојат две клучни прашања. Првото прашање се однесува на безбедноста и можниот ризик за граѓаните. Тој наведе дека дете можело да биде жртва поради несовесно чување на диво животно.

Тој истакна дека животното било со ланец и алка околу вратот, што според него значи дека некој го чувал дома. Нагласи дека тоа укажува на несовесно однесување на поединец кој, како што рече, својот дом го третира како шума и џунгла.

Во вториот дел, тој се осврна на јавните реакции дека не станува збор за волк. Тој праша дали со обидите да се тврди спротивното во јавноста се прикриваат други појави, поврзани со чување и парење на домашни и диви животни.

Повик за постапување на институциите

Ѓорѓиевски наведе дека овие прашања ги поставил и пред Министерството за внатрешни работи.

Тој изјави:

„Тука имаме две клучни прашања. Зошто никој не го спомена моментот дека некое дете можеше да биде жртва поради тоа што некој несовесен скопјанец чувал диво животно дома. Тоа диво животно беше со ланец, со алка околу вратот, што значи некој го чувал дома. И можеше некое дете во парк да настрада поради некој несовесен граѓанин кој смета дека неговиот дом е џунгла. Дека може да чува животни, дека домот му е шума, прашума. Второто прашање е дали некој со обидите да докаже дека тоа не е волк, во јавноста, проба да прикрие неколку позиции во град Скопје каде се парат домашни и диви животни? Јас тоа го спомнав и во Министерството за внатрешни работи, дали некој проба да сокрие некого кој дозволува парење на домашни и диви животни и чува во непосредна близина на централното градско подрачје, во неговиот двор, во објекти, ваков тип на животни? Ова беше свесен обид да се прикрие некој и целата работа да се прикрие во пародија“

Според него, недоволно е истакнат брзиот ангажман на МВР и на вработените во Зоолошката градина.

Тој истакна:

„Им честитам во името на сите скопјани. Таму можеше жртва да биде некое детенце кое си игра во паркот во Карпош. Тука треба МВР сериозно да си ја сфати работата и да влезе во процес во кој вакви девијантни појави во Скопје ќе ги оставиме зад нас и ќе има сериозни постапувања против поединци кои девијантно се однесуваат“