Почна пролетната „генералка“ на Скопје

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека од раните утрински часови започнала широка и координирана акција за темелно чистење на површините под надлежност на градот. Во активностите се вклучени екипите на јавните претпријатија, со цел, како што посочи, да се воспостави ред, чистота и грижа за заедничкиот простор.

„Ова е јасна порака дека редот, чистотата и грижата за заедничкиот простор стануваат секојдневие“, наведува Ѓорѓиевски.

Ангажирани сите јавни претпријатија

Екипите на „Комунална хигиена“ интензивно работат на чистење на улиците и отстранување на отпадот, вклучително и отпад оставен од несовесни поединци. Во исто време, „Водовод и канализација“ врши миење на улиците и јавните површини, „Паркови и зеленило“ е задолжено за уредување и косење на зелените површини, додека „Улици и патишта“ поставува метални столпчиња со цел да се спречи узурпацијата на тротоарите и јавниот простор.

Акцијата започна во општина Кисела Вода, а според најавите, ќе продолжи систематски во сите општини.

Апел до граѓаните и најавени санкции

Ѓорѓиевски нагласи дека целта е чистото и уредено Скопје да стане секојдневие до крајот на мандатот, додавајќи дека практиките на негрижа и создавање депонии нема да бидат дозволени.

„Чистата животна средина не е луксуз, туку основно право и обврска“, посочи тој.

Воедно, упати апел до граѓаните да се однесуваат одговорно и да не го нарушуваат јавниот простор, предупредувајќи дека за непочитување на правилата ќе следуваат санкции.

„Градот може да чисти, но вистинската промена доаѓа кога сите заедно ќе ја преземеме одговорноста“, порача Ѓорѓиевски.