Последните слоеви асфалт се поставуваат на значајниот потег од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот Крст
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека на потегот од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот Крст се поставуваат последните слоеви асфалт, како дел од еден од најважните инфраструктурни зафати во градот.
„Ова е симбол на новото време со кое Скопје се гради и се развива. Работите се реализираа со засилена динамика, често и во ноќните часови – пракса која продолжува и понатаму, како доказ за посветеноста и одлучноста овој град да се менува со конкретни дела“, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.
Тој истакна дека проектот со години беше оставен во застој, но денес добива јасна насока, временска рамка и силна визија за современ урбан развој.
„Иако подземната сообраќајница како дел од третата фаза е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција зависи од комплетирањето на сите фази – процес што веќе е во полн ек. Во рамки на првата фаза се изврши реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на дел од сообраќајните ленти, со што значително се подобрува проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ кој се поврзува со следните фази од трасата“, појасни градоначалникот.
Ѓорѓиевски наведе дека улицата „Пролет“ е проширена со дополнителна коловозна лента на потегот од полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат, додека раскрсниците се уредени со нови сообраќајни острови, што значително ја зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
„Во текот на вечерните часови ќе се изврши и целосно обележување на коловозот, со што овој значаен потег ќе биде целосно подготвен за безбедно и функционално користење. Во наредните фази следува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“, чекори кои ќе ја заокружат целината на овој значаен проект. Паралелно, се работи и на атмосферската канализација, со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – инвестиција која обезбедува долгорочна одржливост и отпорност на инфраструктурата“, додаде Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека подземната сообраќајница ќе има шест ленти, од кои четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две за јавен превоз, како и пешачки патеки.
„Со нејзиното ставање во функција се очекува значително намалување на метежот за 33 отсто, побрзо движење низ централното градско подрачје и создавање побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор. Благодарам на жителите на Скопје за трпението и разбирањето денес, поради затворањето на оваа улица, чија изградба денес успешно се завршува“, порача градоначалникот.
