Ѓорѓиевски: Скопје добива нов, модерен булевар – „Македонско-косовска бригада“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави почеток на реализација на основниот проект за изградба на булеварот „Македонско-косовска бригада“, на делницата од раскрсницата со Булевар „Џон Кенеди“ до раскрсницата со Булевар „Босна и Херцеговина“, во должина од 1,4 километри.
Како што посочува, оваа делница претставува значајна сообраќајна артерија што ќе ја подобри поврзаноста и проточноста во овој дел од градот.
Современо сообраќајно решение со зелен концепт
Проектот предвидува изградба на четири коловозни ленти, по две во секоја насока, со средишно зеленило со цел зголемена безбедност и уреден урбан изглед. Планирани се и велосипедски патеки во двете насоки, како и нови тротоари со ширина од по два метри за побезбедно и покомфорно движење на пешаците.
Во рамки на проектот е предвидено и заштитно зеленило од двете страни на булеварот, како и проширувања кај автобуските стојалишта, со што ќе се подобри јавниот превоз и безбедноста на патниците.
Дел од визијата за рамномерен развој
Според Ѓорѓиевски, современата, безбедна и функционална инфраструктура е темел на визијата за град што се развива плански и рамномерно. Со изградбата на булеварот се создава нов урбан простор кој ќе биде помодерен, позелен и поорганизиран, со зголемена мобилност и безбедност.
Од пролет, со подобрување на временските услови, се очекува Скопје да влезе во фаза на интензивна трансформација, при што рамномерниот развој во сите општини ќе добие конкретна реализација.
