Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска упати честитка по повод Националниот ден на Власите, потенцирајќи го нивниот длабок корен, богата историја и огромен придонес во изградбата на државата.

Ѓорѓиевски истакна дека Власите се нераскинлив дел од македонскиот код, меморија и култура кои низ вековите успеале да го зачуваат својот јазик и достоинство.

Во својата празнична порака, тој упати и конкретно ветување за заедницата кое се однесува на зачувување на нивната културна традиција во главниот град.

„Сакам јасно да порачам – секогаш ќе бидеме ваша поддршка! А како Град Скопје, ќе се заложиме влашката заедница да добие своја Влашка куќа, место кое ќе биде дом на културата, традицијата, јазикот и идентитетот на Власите. Место кое ќе сведочи дека она што е вредно, мора да се чува“, порача Ѓорѓиевски.

Тој посебно го спомена историскиот претставник на оваа заедница, славниот војвода Питу Гули, нарекувајќи го симбол на храброст и гордост на цела Македонија.

Градоначалникот се осврна и на локалните активности во општина Кисела Вода, каде во чест на негов пријател од влашката заедница и неговиот татко, веќе е изградено спомен-обележје.

На крајот, Ѓорѓиевски заклучи дека убавината на државата е во различностите, а Македонија е силна само тогаш кога сите нејзини заедници се силни и почитувани.

„Нека ви е честит Националниот ден на Власите. Нека живее влашката заедница. Нека живее нашата заедничка Македонија!“, се наведува на крајот од честитката на Орце Ѓорѓиевски.