Загревањето на домаќинствата е основниот проблем со загадувањето
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека е потребно сериозно да се работи на основниот проблем со загадувањето, а тоа е загревањето на домаќинствата. Тој појасни дека веќе имале неколку средби со претседателот на Владата за гасните централи кои се планираат во главниот град.
„Ние треба сериозно да работиме на она што е базичен проблем во однос на загадувањето, а тоа е загревањето на домаќинствата. И тука веќе имавме неколку средби со претседателот на Владата во однос на гасните централи што планираме да ги правиме во главниот град“, изјави Ѓорѓиевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Градоначалникот се осврна на досегашните резултати и на плановите за иднината, вклучувајќи го и системот „Безбеден град“, управувањето со загадувањето и состојбата со вработените во јавните претпријатија.
„Не сум убеден дека многу често гледаат полни контејнери. Јас нема да бидам најискрен, ако кажам дека не се случуваат и пропусти, тоа е жива материја и знаат да се случат и пропусти. Но, дека делуваме многу подобро за разлика од појдовната точка и основа што ја имав првиот ден кога влегов во Градот Скопје со 16 функционални машини – наспроти околу 50 што се функционални сега, денес – има разлика сериозна“, рече Ѓорѓиевски.
Тој најави инвестиции во нови комунални машини за „Комунална хигиена“ и појасни дека постапката за набавка на повеќе од 20 нови машини веќе е започната преку Светска банка.
„Тоа што го направивме изминатиот период е заедно во координација со претседателот на Владата, министерот за транспорт и врски, веќе започнавме постапка преку Светска банка за да обезбедиме повеќе од 20 комунални нови машини што ќе бидат за потребите на ‘Комунална хигиена’. Тоа подразбира нова механизација, дел од старата механизација за која се одлеваат сериозни средства за амортизација и поправка да ја тргнеме настрана и настапиме со нови камиони. Во Буџетот за наредната година ќе бидат предвидени одредени средства дополнително како Град Скопје и ‘Комунална хигиена’, да инвестираме во нови машини, и механизација, ќе го направиме тоа“, посочи градоначалникот.
Решавање на статусот на вработените и иревизија на институцијата
Ѓорѓиевски зборуваше и за состојбата со вработените во јавните претпријатија, посебно во „ЈСП – Скопје“.
„Многу договорци има во ‘ЈСП – Скопје’. Но, тоа се шофери кои дефакто мора да останат да си ја вршат работата. Потребни се и дефицитарна е таа работа и ќе дадам се од себе да барем дел од нив, наредната година се потрудам заедно со новоназначениот директор да го решиме статусот на тие луѓе. Затоа што таму има луѓе коишто по 12,13 години се договорци на дело и треба да им се реши трајно вработувањето“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави и иревизија на работењето во Град Скопје, посочувајќи дека веќе им се одземени надлежностите на 23 раководители на сектори во институцијата.
„Иревизијата е во тек и веќе им се одземени надлежностите на 23 раководители на сектори во институцијата со која раководам“, додаде тој.
