Германската владејачка коалиција разгледува повеќе начини да им ги олесни трошоците за гориво на граѓаните, но засега нема заедничко решение. Цените на бензинот и дизелот продолжуваат да предизвикуваат незадоволство, особено кај луѓето за кои автомобилот е неопходен за секојдневно патување.
Бензинските пумпи во Германија смеат да ги зголемат цените само еднаш дневно, на пладне. Вчера наутро во Берлин литар бензин Е10 чинел околу 2,25 евра, а дизелот околу 2,37 евра. На пладне следувало поскапување од околу 20 центи за литар. На една бензинска пумпа покрај автопат во јужниот дел на градот, цената на „Super Plus“ достигнала 3,03 евра за литар.
Товарот е особено голем во руралните средини, каде што автомобилот често е единствената практична можност за превоз. Жителите на пограничните подрачја, пак, можат да купат поевтино гориво во соседните земји. Според Сојузниот завод за статистика, на 7 септември полнењето резервоар од 60 литри со бензин Е10 чинело околу 31 евро помалку во Чешка и Полска отколку во Германија. Разликата изнесувала 28 евра во Луксембург и 25 евра во Австрија.
Од деветте соседни земји на Германија, бензинот е значително поевтин во седум, а дизелот во шест. Само во Холандија и Данска возачите плаќаат поскапо гориво.
Канцеларот Фридрих Мерц најави дека владата мора да реагира. Според него, за многу граѓани кои секој ден зависат од автомобилот е достигната границата на подносливост. Тој рече дека предлог за мерки ќе има наскоро, но не прецизираше каков ќе биде. Од владата посочуваат дека поскапувањето не произлегува од одлука на федералната власт, туку во голема мера е поврзано со глобалниот пазар, состојбите на Блискиот Исток, нападите врз нафтоводите и блокадите на поморските патишта.
Автомобилскиот клуб АДАК предупредува дека, иако нафтата сè уште е поевтина отколку при претходните рекордни нивоа, бензинот Е10 никогаш не бил поскап. Здружението на бензински пумпи ги критикува нафтените компании, тврдејќи дека нивните профитни маржи не се намалуваат.
Засега не се очекува повторно воведување на попустот за гориво. Од 1 мај до 30 јуни 2026 година, владата привремено го намали енергетскиот данок на бензинот и дизелот. Со вклучен ДДВ, мерката требаше да донесе намалување на цените од околу 17 центи за литар. Министерството за економија сега оценува дека нема финансиски простор таа да се повтори.
Во коалицијата се предлагаат различни решенија. ЦДУ/ЦСУ разгледуваат даночно олеснување за луѓето кои патуваат на работа со автомобил или директна помош за граѓаните со ниски приходи. СПД предлага ограничување на цената на горивата, кое, меѓу другото, би се финансирало со данок на вонредната добивка на енергетските компании.
Цените на горивата стануваат и тема пред покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија и Берлин. Алтернатива за Германија (АфД) бара укинување на надоместокот за СО₂ за горивата, намалување на данокот на енергија и намалување на ДДВ за бензинот и дизелот од 19 на 7 отсто. Премиерката на Мекленбург-Западна Померанија, Мануела Швезиг, повика на горна граница на цените и данок на вонредна добивка, критикувајќи ја федералната влада поради, како што оцени, неактивност.
Од Берлин велат дека данокот на вонредна добивка се разгледува и на европско ниво, но за негово воведување е потребен договор меѓу земјите членки. Министерот за финансии Ларс Клингбајл најави дека ќе се залага за мерката на состанокот на министрите за финансии на ЕУ.
