Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против Н.Н. (60) од Гостивар. Постапката се води под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело трговија со луѓе по член 418-а, став 1 од Кривичниот законик.
Пријавениот делото го извршил во текот на 2025 и 2026 година со цел стекнување противправна имотна корист, при што ја искористил ранливоста и зависната положба на неговата 80-годишна мајка З.С. од Гостивар. Користејќи ја нејзината физичка неспособност, бидејќи жената се движи со инвалидска количка и не може самостојно да ги извршува секојдневните активности, тој постојано ја принудувал на питачење.
Осомничениот подолг временски период во континуитет ја носел својата мајка на одредена локација во Гостивар и ја изложувал на трудова експлоатација преку питачење. За цело тоа време тој бил присутен во нејзина непосредна близина, будно ја надгледувал и ја контролирал нејзината активност, по што насилно и на дрзок начин ѝ ги одземал собраните парични средства за свои лични потреби.
Врз основа на издадена судска наредба од Основен кривичен суд Скопје, полициски службеници извршија претрес во дом и други простории кај шеесетгодишникот на подрачјето на Гостивар, при што лицето е лишено од слобода.
При реализацијата на претресот се пронајдени и привремено одземени мобилни телефонски апарати, како и парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од извршувањето на ова кривично дело.
