Полициски службеници од полициската станица во Охрид денеска го лишија од слобода педесет и петгодишниот Ц.Н. од истиот град. Тој се сомничи дека предизвикал пожар во сопствениот стан лоциран на улицата „Гоце Делчев“.

По инцидентот уследила брза и координирана реакција на надлежните спасувачки служби за заштита на станарите во објектот.

„Со брза интервенција на полициските службеници, припадници на Територијалната противпожарна единица од Охрид и медицински екипи, извршена е евакуација на повеќе жители од зградата, а со возила на Итната медицинска помош, во Општа болница префрлени се осум лица кои имале повреди и потешкотии при дишење“, соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Во координација со останатите надлежни служби, СВР Охрид презема дополнителни мерки за давање поддршка на станарите и целосно нормализирање на состојбата. По комплетно документирање на целиот случај, против пријавениот Ц.Н. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за сторено дело предизвикување општа опасност.