Директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, ги отфрли тврдењата дека пумпите поставени во корито со отпадни води се причина за епидемијата што досега погоди околу 1.200 жители на Гостивар. Таа тврди дека пумпите биле пуштени само кратко за проба, дека водата потоа била испуштена во Вардар и дека лабораториските анализи покажале оти водата била исправна.

Од СВР Тетово претходно соопштија дека три пумпи биле поставени во корито на истечни отпадни води, од каде водата директно се внесувала во главниот цевковод за снабдување на Гостивар. Според полицијата, активноста најверојатно била преземена за зголемување на притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што било загрозено здравјето на граѓаните.

Асани, пак, вели дека пумпите биле поставени на 25 јуни само за симулација и биле користени кратко во раните утрински часови за да се провери дали проектот е функционален. По тестирањето биле исклучени, а водата била испуштена во реката Вардар преку првиот испуст кај селото Равен.

„На 26 јуни беа направени анализи и тие беа исправни“, изјави Асани за „360 степени“. Таа приложи и микробиолошка анализа на примероци земени на 29 јуни 2026 година, според која водата во тој период била безбедна за употреба.

Според директорката, епидемијата можеби не потекнува од водоводната мрежа, туку од храната и високите температури. Како аргумент таа го наведе фактот дека симптоми имале и лица кои пиеле исклучиво флаширана вода.

Од ЈП „Комуналец“ соопштија дека Обвинителството, во соработка со Институтот за јавно здравје, зело дополнителни примероци од водата. Првичните микробиолошки анализи, според претпријатието, ги исполнуваат параметрите за безбедна вода за пиење, но препораката од 24 јуни водата да не се користи останува во сила до добивањето на конечните лабораториски резултати.

Во гостиварската болница во изминатите неколку дена се јавиле меѓу 1.000 и 1.200 граѓани со слични симптоми, меѓу кои повраќање, дијареа, телесна слабост и покачена температура.