Грчките земјоделци продолжуваат со блокади и протести
Од 11 часот по македонско, односно 12 часот по локално време, целосно е во прекин сообраќајот за сите возила на граничниот премин Евзони кон нашата земја, како за влез, така и за излез од Грција. Причина за блокадата се протестите на грчките земјоделци, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, блокадата ќе трае до 15 часот по македонско, односно до 16 часот по грчко време.
Земјоделците продолжуваат со блокади и протести
Земјоделците од северниот дел на Грција, кои уште од 1 декември ги имаат паркирано тракторите на грчката страна од границата, се меѓу блоковите што денеска одбија средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Тие најавија продолжување на протестите, активностите и блокадите, а не се исклучува можноста граничниот премин Евзони повторно да биде затворен и во вечерните часови, по 19 часот по локално време.
Нови најавени блокади и на Ники – Меџитлија
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, од 19 часот по локално, односно 18 часот по македонско време, четири часа ќе биде блокиран граничниот премин Ники (Меџитлија) за товарни возила. Во периодот од 20 до 22 часот по локално, односно од 19 до 21 часот по македонско време, блокадата ќе се однесува и на патничките возила.
Како што претходно објави МИА, земјоделците од над 55 блокади доцна синоќа одлучија да не присуствуваат на состанокот со грчкиот премиер, наведувајќи дека владините ограничувања за бројот на претставници го намалуваат просторот за суштински дијалог. И покрај тоа, Мицотакис денеска ќе оствари средба со претставници на 14 блокади, односно со земјоделците кои уште минатиот месец се одвоија од останатите и побараа разговори со владата.
