Град Скопје ги повикува граѓаните и компаниите да ги подмират долговите

Град Скопје соопшти дека од 26 јануари 2026 година започнува постапка за присилна наплата на данок на имот за 2021 година, поради тоа што значителен број обврзници сè уште не ги подмириле своите обврски.

На 9 декември 2025 година, според градската управа, бил упатен јавен повик до сите даночни и таксени обврзници, правни и физички лица, со цел да ги подмират долговите по основ на данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и комунални такси-фирмарина.

Заклучно со 23 јануари 2026 година, вкупно 830 даночни обврзници ги подмириле своите заостанати обврски во износ од 20.107.103 денари.

Од денеска, пак, започнува наплата на неплатениот данок за имот за 2021 година. Утврдено е дека 37.655 физички лица и 1.926 правни лица не го подмириле долгот по основ на данок на имот, во вкупна вредност од 148.466.661 денари.

За 16.372 даночни обврзници веќе се изготвени и доставени решенија за забрана на средства до деловните банки, додека преостанатите 23.209 решенија ќе бидат испратени до крајот на оваа недела. Целта е да се обезбеди наплата на неплатените обврски.

Град Скопје ги повикува сите граѓани и компании кои сè уште не ги подмириле долговите да го сторат тоа во најкраток можен рок, бидејќи присилната наплата ќе продолжи кон сите должници.

Увид во состојбата на сопствениот даночен долг може да се направи преку електронскиот портал на Град Скопје: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml, каде што е овозможено и електронско плаќање. Подмирувањето на давачките е законска обврска и предуслов за нормално функционирање и развој на градот.