Град Скопје започна со реконструкција на улицата „Скоевска” во општина Бутел. Со овој проект целосно се реконструира коловозот на улицата и нејзините три краци, во вкупна должина од околу 1800 метри и ширина од шест метри, од крстосница со улица „Ѓоре Ѓоревски“ до крстосницата со улица „Радишанска“, а воедно се предвидува и соодветно партерно уредување и зеленило, информираше на денешната прес-конференција градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

-Сигурноста и безбедноста на граѓаните е наш приоритет, за разлика од сегашната состојба, со реализацијата на овој проект жителите на населбата Радишани ќе добијат комплетно реконструиран коловоз со соодветна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, изјави Арсовска.

На прес-конференцијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски кој истакна дека Општината учествуваше во целосно подготвување на проектната документација за овој предмет.

-Преку меѓу-општинската соработка дојдовме до денешното започнување на овој проект. Градежното лето што го најавивме пред еден месец на територија на општина Бутел трае и е во добра динамика. До крај на август ќе бидат реконструирани 20 улици, работиме и на неколку нови паркови. Започнуваме и со изградба на нова градинка, а се реконструираат и неколку игралишта, додаде Костовски.

Вредност на изведбата на овој проект е 20.541.605 денари при што, Арсовска соопшти дека постигнато е намалување на цената со електронска јавна аукција и заштеда од 20 проценти од проценетата вредност на проектот.