Градежништвото во 2021 година по растот од 3,9 проценти во првите три месеци, во вториот и во третиот квартал забележа пад од 2,4 односно 1,5 проценти. Секторот, кој се соочи со поскапување на градежните материјали и помал обем на работа поради мораториумите за градба во претходниот период, постојано апелира за повеќе работа и во нискоградбата и во високоградбата. Пазарот на недвижности, пак, и во минатата пандемиска година регистрираше зголемен обем на трансакции, а продолжи и поскапувањето на становите.
Градежната фела на крајот на минатата годината испорача барања до Владата за антикризни мерки заради порастот на цените на градежните производи и репроматеријалите при јавните набавки, каде е пропишана фиксна цена во тек на изведба и јавните набавки и каде единствен услов за нејзино добивање е најниската цена.
Пандемијата во овој сектор предизвика драстичен раст на цените на репроматеријалите на светските берзи, што пак предизвика раст на цените на градежните производи, кои до крајот на годината кај оплатата достигнаа до 55 проценти, кај геокомпозитот до 57,5 проценти, кај термоизолацијата ESP до 61,3 проценти, кај заштитните премази до 44 проценти, кај полимер-битуменот за асфалт до 47 проценти, а кај челичните профили и цевки дури до 95 проценти. Тоа, како што оценија од реалниот сектор, директно се одразува на исплатливоста на реализацијата на проектите што се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба, особено во доменот на јавните набавки. Поскапувањата на производите влијаат и врз цените на становите, како и врз одлуките за приватни вложувања во домувањето (реновирање, реконструкција и слично), што, покрај компаниите, ги засега и приватните инвеститори и граѓаните.
Од Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија на крајот на минатата година побараа да се воведе повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од 5 проценти за прометот и за увозот на градежни производи, до стабилизирање на пазарот на градежни производи. Исто така, во новите постапки за доделување на договорите за јавни набавки на работи, во тендерската документација да се предвидува можност за корекција на цените, за да се овозможи договорите за јавни набавки да се изменуваат во случај на покачување на цените без спроведување нова постапка за јавна набавка. Во однос на склучените договори за јавни набавки, се бара Владата по примерот на некои земји во регионот (Република Хрватска) да ги повика договорните органи заедно со договорните страни да пристапат кон анализа на договорените единечни цени на градежни материјали и производи, за да ги утврдат ставките каде промената на цената по почетокот на пандемијата влијаела на нивно зголемување за повеќе од 10 проценти, по што врз основа на анализата потоа ќе пристапат кон измена на договорите.
– Во моментов зголемените цени на градежните материјали се одразуваат во голема мерка и ќе се одразат уште повеќе на цената на становите. Во моментов се многу оштетени компаниите кои работат на јавни набавки во кои главен норматив за добивање на јавната набавка е минимална цена. Проблем се и јавните набавки каде е пропишана фиксна цена за целото време на траење на проектите. Мораториумите за градба во Скопје и поскапувањето на цените на градежните материјали си го направија своето и сега становите поскапуваат. До каде ќе одат поскапувањата зависи од многу фактори, а пред се од куповната моќ на граѓаните и од исплатливоста за градба во одредени подрачја, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора.
Според претседателот на Градежната комора при Стопанската комора на Северозападна Македонија Салим Хасани, градежните компани во периодот на ковид-пандемија, иако со намален интензитет работеа со позитивни биланси, но поголемиот развој зависи од отворањето нови инвестиции за стандардни градби, кои се неопходни да ги има во континуитет.
– Сè помалиот број локации не оди во прилог на развојот на оваа многу важна гранка на економијата. Енормното покачување на цените на речиси сите компоненти од градбата кај инвеститорите создава резерви при планирање на идните градби, прашање е дали куповната моќ ќе може да го следи овој тренд на пораст на цени. И по логика, ако имаме намален број градби, ќе имаме поскапување на цените на становите, а од друга страна, намалување на обемот на работа за градежниците. А со тоа и неможност да ја задржиме работната сила, која секој ден ни бега во странство. Така што, наша сугестија е да се отворат што повеќе можности за градба, ќе биде подобро за сите, ќе имаме поголем развој, вбризгување повеќе пари во економијата, поевтини станови и поквалитетно живење, изјави Хасани.
Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, пак, вели дека градежниот сектор е подготвен да го промени трендот, со цел да се излезе во пресрет на потребните на граѓаните, доколку се создадат услови за да може да почне со засилена деловна активност.
Како што информира, растот на цените на становите достигнува и до 40 отсто. Тоа се должи на повеќе фактори, меѓу кои главно учество имаат порастот на цените на градежните материјали, трендот на зголемување на платите во градежниот сектор кој влијае на зголемување на цената на крајниот производи, како и на ограничување на понудата, што, потенцира, се јавува како последица на мораториумите за градење и суспендирањето на деталните урбанистички планови.
Градежниците од Владата бараат ангажман и на најавените капитални проекти за изградба на патиштата на коридорите 8 и 10. Во наредниот период, како што велат, ќе биде важно и под кои услови ќе се добива изведбата на патиштата од коридорите 8 и 10 за кои е потпишан меморандум со конзорциумот „Бехтел и Енка“ и каква ќе биде улогата на македонските компании во тој процес. Како градежна фела тие побараа од Владата да бидат вклучени уште при проектирањето, планирањето па се до изградбата на овие патишта и да добијат цврсти гаранции дека нема да бидат изоставени.
Според реалниот сектор, изградбата на овие автопати претставува сериозна градежна активност земајќи ги предвид големината и потенцијалите на нашата држава. Очекува Владата да се заложи за 51 процент од проектирањето и изведбата на овие патни делници со стратешкиот партнер да бидат ангажирани домашните градежни компании.
Податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, покажуваат дека побарувачката за недвижности за време на пандемијата се одвива како и претходно. Најголем обем на трансакции, вклучувајќи и најголем број продадени станови има во главниот град, во општините Центар, Карпош, Аеродром. Цените се движат во зависност од побарувачката и на поатрактивните локации се повисоки. Се зголемија и цените на становите во подрачјата со помала трансакциска активност поради порастот на цените на градежните производи, услугите, суровините.
Регистарот на цени и недвижности покажува дека во третиот квартал лани имало 9.231 трансакција, значително повеќе во однос на претходните два квартала кога имаше околу 7.500, што се исто така поголеми бројки во однос на претходната прва пандемиска година. Од 9.231 трансакција, 7.277 биле продажби на недвижности, а 1.954 закупи на недвижен имот.
Во третиот квартал годинава, според податоците на Народната банка, недвижностите поскапеле за 5,9 отсто. Во првиот квартал зголемувањето изнесуваше 3,2 отсто, а во вториот 4 отсто. Според тврдењата на приватните инвеститори, квадратен метар станбена површина се продава и до 1.500 евра во општини како Центар и Карпош.
Бројот на вработени во градежништвото во третото тримесечје бележи пораст од 3,1 проценти, а просечната исплатена нето-плата по вработен за првите девет месеци бележи пораст од 6,1 проценти. Податоците, според Стопанската комора на Северна Македонија, упатуваат на заклучокот дека во услови на намалена градежна активност и значителен пораст на трошоците за плати, репроматеријали и други услуги, градежните компании не го намалиле бројот на вработени, односно компаниите сами го преземаа товарот за справување со последиците од пандемијата.
Според Државниот завод за статистика, од почетокот на 2021 година заклучно со октомври, се издадени 3285 одобренија за градба. Во октомври 2021 имало 509 одобренија за градење, од кои 321 (63.1 процент) за објекти од високоградба, а 57 (11,2 проценти) од нискоградба. Предвидена е изградба на 2 311 станови, со вкупна корисна површина од 164 243 метри квартани. Во септември, пак, биле издадени 318 одобренија за градење, од кои 184 за високоградба, а 35 за нискоградба. Од предвидените 618 станови, најмногу се во Скопскиот регион, 216, од кои 196 се во Општина Гази Баба. Во претходниот месец, во август 2021, од 276 издадени одобренија за градење, 147 биле за објекти од високоградба, а 49 од нискоградба. Со тие дозволи се планирани 1 582 станови.
Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика покажува дека во 2020 година биле изградени 4.077 станови, а во 2019 година 6.069 , односно помалку за 32 проценти.. Во 2018 и 2017, пак, биле изградени 5 436, односно 5 622. Во 2020 година биле издадени 2983 одобренија за градење, од кои во високоградбата 1 596, а 394 во нискоградбата.