Силните институции и одговорното управување со јавните средства се клучни за довербата на граѓаните, а ревизијата е еден од главните механизми за обезбедување контрола, отчетност и спречување неправилности, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа во објава на Фејсбук ги истакна двата значајни чекора преземени во изминатиот период – унапредувањето на соработката меѓу Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, како и воведувањето национален испит и сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор.
Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Државниот завод за ревизија, според министерката, се зајакнува институционалната основа за заедничко делување во заштитата на јавните средства и спречувањето и откривањето неправилности, измами и коруптивни дејствија.
-Ова партнерство значи поголема координација, размена на знаења, искуства и податоци, унапредување на професионалните капацитети и примена на европските стандарди. Нашата цел е јасна – посигурен, поефикасен и поодговорен систем на јавни финанси – наведува Димитриеска-Кочоска.
Паралелно, за првпат во земјава, Министерството за финансии ќе спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор и ќе воспостави национална сертификација на внатрешните ревизори.
Според министерката, професионализацијата на внатрешната ревизија ќе придонесе за посилни капацитети во институциите, поефикасна контрола и поодговорно управување со јавните средства.
-Надворешната и внатрешната ревизија имаат различни улоги, но заедничка цел – јавните средства да се управуваат законски, наменски, ефикасно и одговорно – истакнува таа.
Двата процеса се дел од пошироките реформи за унапредување на системот на финансиска контрола и негово усогласување со европските стандарди и практики. Тие се поврзани и со обврските и препораките во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, како и со реформите предвидени со Реформската агенда.
-Секој денар од Буџетот и секое евро од европските фондови се средства на граѓаните, а наша обврска е да обезбедиме тие да се користат одговорно и во нивен интерес – порача Димитриеска-Кочоска.
