Градоначалникот на украинскиот пристанишен град Мариупол изјави дека неговиот град е „во рацете на окупаторите“ по еднонеделната опсада од страна на руските сили кои го срамнија градот со земја.
„Не е сè во наша моќ“, рече Вадим Боиченко, провладиниот градоначалник на Мариупол, во телевизиско интервју во живо. „За жал, денес сме во рацете на окупаторите.“
Бојченко повика на целосна евакуација на преостанатото население од Мариупол, кој што имал над 400.000 жители пред Русија да ја започне својата инвазија на Украина на 24 февруари.
„Според нашите проценки, околу 160.000 луѓе денес се наоѓаат во опколениот град Мариупол, каде што е невозможно да се живее бидејќи нема вода, нема струја, нема греење “, рече тој. „И навистина е страшно.
Не е јасно дали се уште има активни борби внатре во градот.
Украинските власти тврдат дека руските сили спречиле хуманитарните конвои безбедно да се приближат или да излезат од градот. Лидерот на проруските сепаратисти вчера рече дека околу 1.700 жители на Мариупол се „евакуираат“ дневно од градот и неговата околина, но украинските власти велат дека Русите всушност го спроведувале, како што го опишуваат, насилното депортирање на илјадници во Русија.
„Потребна ни е целосна евакуација од Мариупол“, рече Бојченко. „Нашата најважна мисија денес е да го спасиме секој живот. И има надежи дека ќе успееме. На пример, има 26 автобуси кои треба да одат до Мариупол за да се евакуираат, но за жал, не добиле дозвола за движење. И оваа игра се игра секој ден. Цинична игра како „Да, ние сме подготвени. Можете да возите таму, но всушност тоа не функционира. Нашите херојски возачи под оган се обидуваат да стигнат до местата каде што жителите на Мариупол можат да бидат подигнати и чекаат со надеж дека ќе имаат таква можност. Но, Руската Федерација си игра со нас уште од првиот ден“.
Статистиката објавена од украинските власти прикажува мрачна слика за резултатот од неколкунеделните гранатирања и урбани борби во Мариупол.
Според тие бројки, оштетени се 90% од станбените згради во градот, од кои 60% се директно погодени, а 40% се уништени, објави Си-Ен-Ен.