Резултатите од првиот круг на локалните избори се очекуваат околу полноќ

Очекувањата се дека до полноќ ќе се знае колку кандидати успеале да го освојат градоначалничкиот мандат уште во првиот круг од гласањето. Граѓаните ја остварија можноста да гласаат за своите кандидати за градоначалници и за советнички листи, а Државната изборна комисија ќе ги објави првичните резултати веднаш штом се обработат податоците.

Како се победува во првиот и вториот круг?

Изборите за градоначалници се спроведуваат по мнозинскиот изборен модел, но со предвиден цензус. Во првиот круг, градоначалник е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови (50% плус 1) од излезените избирачи, доколку излезноста достигнала најмалку една третина од запишаните избирачи.

Доколку излезноста не ја достигне оваа граница или ниту еден кандидат не добие потребното мнозинство, се организира втор круг на гласање. Во вториот круг учествуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во првиот круг, а победник е оној кој добие повеќе гласови. Вториот круг се одржува во рок од 14 дена по завршувањето на првиот круг.

Ако и по вториот круг не се избере градоначалник поради какви било причини, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.