Премиерот Зоран Заев вели дека причина за ваквата состојба е блокадата на Законот за лични карти, односно последните измени, кои се на предлог на БЕСА со одложено дејство до 2023 година, а се блокирани од Левица.

На вчерашната владина седница како што кажа ги задолжиле економските ресори да се изнајдат начини за да се стави целосно во функција животот на граѓаните на кои им е истечена личната карта или вадат лична карта по првпат.

-Овие денови сме принудени да бараме решение за сите оние граѓани апликанти за нова лична карта заради истечена или за првпат добивање лична карта или слично. Бројката е околу 40.000, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Заев овој проблем, го постави и од аспект на ппретстојните локални избори, односно како ќе гласаат овие граѓани, кога законот е дециден дека се гласа со валиден личен документ.

-Ако имаат пасош ќе гласаат со пасошот како друг дозволен документ за идентификација на изборите, но ако немаат пасош, а немаат валидна лична карта бидејќи истечената не важи не можат да гласаат. За ова решение бара Министерството заедно со Државната изборна комисија, рече Заев.