Грчката телевизија Опен објави видео-сторија за казино во Дојран кое наводно издава фалсификувани ковид-сертификати.

Се тврди дека извесно казино во близина на граничниот премин Дојран-Дојрани на македонска територија им обезбедува бесплатен лажен негативен тест на своите посетители со кој тие можат безбедно да се вратат во Грција.

Онаму каде што се нуди можност за коцкање, алкохол и забава 24 часа на ден, тие даваат и сертификати за негативен брз тест, вака пишуваат грчките медиуми.

Според грчката телевизија Опен, случаите биле откриени кога во еден ден од 45 патници на кого им бил направен брз тест на границата, 9 испаднале позитивни.

Телевизијата наведува дека некои од казината, на клиентите им го даваат брзиот тест со негативен резултат, многу автентичен документ, без да направат никакво тестирање.

Целта на сопственикот на казиното, како што тврди телевизија Опен, била да привлече што поголем број клиенти овозможувајќи им олеснето поминување на граничните контроли.

Лажните сертификати за брз тест, според видео-сторијата, се документи од овластен дијагностички центар, во кои без да биде извршено какво и да е тестирање, само се пополнуваат имињата на клиентите.