Над три милиони евра ќе бидат издвоени за прекуграничен проект за заштита и подобро управување со Дојранското Езеро. Проектот „Оптимално управување со Дојранското Езеро“ има цел да ја зајакне соработката меѓу институциите од Грција и Македонија и да придонесе за заштита на животната средина во езерскиот регион.
Повикот за поднесување предлог-проект го потпиша заменик-министерот за национална економија и финансии на Грција, Никос Папатанасис, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од грчкото Министерство за национална економија и финансии, повикот е дел од Програмата за соработка Interreg VI-A IPA за периодот 2021–2027 година меѓу двете соседни држави. Вкупниот буџет на повикот изнесува 3.071.591 евра.
Заедничко управување и заштита на езерото
Во проектот како водечки партнер е вклучена Децентрализираната администрација на две грчки области, заедно со Грчкиот центар за биотопи. Од македонска страна партнери се Министерството за животна средина и просторно планирање и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
Според грчкото министерство, партнерите имаат за цел да воспостават сеопфатна рамка за соработка меѓу надлежните институции од двете држави. Таа ќе се однесува на заштитата, мониторингот и одржливото управување со Дојранското Езеро.
„Предвидените активности имаат за цел да ја зајакнат соработката меѓу надлежните национални и локалните власти и, меѓу другото, вклучуваат: поддршка на планови за еколошко и хидролошко управување со регионот; активности за информирање и подигање на свест кај населението на брегот на езерото, со акцентот на учениците, земјоделците и другите локални групи; изработка и спроведување на целосни еколошки стратегии за Дојранското Езеро; создавање и развој на заеднички структури и процедури за управување; инсталирање фотоволтаичен систем во Македонија со цел намалување на енергетските трошоци за работа на механизмот за дополнување на водите на езерото, набавка на специјализирана опрема и заедничко управување со клучните информации за животната средина“, соопштија од грчкото министерство.
Проектот е предвидено да се реализира во период од 24 месеци од потпишувањето на договорот за финансирање.
Со објавувањето на повикот, според грчкото Министерство за национална економија и финансии, целосно се активира вкупниот расположлив буџет на програмата Interreg VI-A IPA меѓу двете земји за периодот 2021–2027 година. Вкупната вредност на програмата изнесува 33 милиони евра.
Водата погодна за капење, но се бара дополнителна анализа
Во меѓувреме, најновите резултати од анализите на земени примероци покажуваат дека површинската вода во Дојранското Езеро е во одлична состојба за капење, согласно микробиолошките индикатори. Резултатите денеска ги објави Општина Дојран.
Анализите биле извршени на три мерни места – „Градската плажа“, плажата „Гранико“ и плажата „Полин“. Од Општината информираат дека испитувањата се спроведени согласно Националната годишна програма за јавно здравје за 2026 година, а ги извршил ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ од Велес.
„Врз основа на лабораториските наоди, согласно Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење и Уредбата за класификација на водите, како и за категоризација на водотеците, езерата, акумулациите и подземните води, анализираната мостра на вода по однос на микробиолошките индиктори е оценета за одлична“, велат од Општината.
Според извештаите, примероците биле земени во втората половина на јули.
Во извештајот се наведува дека водата на трите мерни места може да се користи за капење и рекреација.
„Од извршените испитувања и стручната анализа се заклучува дека водата од Дојранско Езеро на мерно место ‘Градска плажа’, и покрај отстапувањата од бараната втора класа на одредени физичко – хемиски параметри кои директно не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето, соодвествува со микробиолошките стандарди за капење“, се наведува во извештајот од Центарот за јавно здравје од Велес.
Истото е наведено и за останатите две мерни места од кои биле земени примероци на вода.
Сепак, од ЦЈЗ од Велес укажуваат и на потребата од дополнителни испитувања. Поради видлива пролиферација на алги, појава на пена на брегот, како и количина на биомаса со зеленкаста боја, во извештајот е наведено дека треба да се направи анализа на фито и зоопланктон.
Таквата анализа треба да ја изврши ЈНУ Хидробиолошки завод од Охрид, со цел да се направи комплетна проценка на безбедноста на водата и нејзината еколошка состојба.
