Со симболични блокади на патиштата и автопатите, но и на граничните премини, грчките земјоделци ги засилуваат нивните активности и паралелно бараат средба со премиерот Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во цела Грција постојат 55 блокови на земјоделци, каде што се паркирани трактори и се подготвени за блокади, а секој блок засебно ќе ги одреди активностите и во зависност од локацијата што точно ќе блокираат и каде ќе постават блокада.
Според најавите, земјоделците во близина на Солун претпладнево на половина час ќе го затворат автопатот кон Атина, оние кои се кај Ламиа, попладнево од 17 до 19 часот ќе го затворат тој дел од автопатот кон грчката метропола, а слични активности се планирани и во други области.
Земјоделците од северниот дел на земјата, не е исклучено да стигнат и до граничните премини со Северна Македонија и Бугарија.
Оние од северозападна Грција, кои завчера со тракторите стигнаа до граничниот премин Ники (Меџитлија) кон Северна Македонија и одржаа протест, се очекува во текот на денешниот ден да одлучат кога и како ќе го затворат патот, но веројатно само за камиони кои пренесуваат лигнит кон нашата земја.
Според грчките медиуми, земјоделците доколку до петок не добијат позитивен одговор на нивните барања за средба со премиерот, следната седмица со тракторите ќе се упатат кон Атина каде што ќе одржат голем протест.
По вчерашниот состанок одржан во Лариса на кој присуствуваа претставници на земјоделците од цела Грција беше одлучено засилување на активностите и беа претставени нивните барања: намалување на трошоците за производство, земјоделската нафта да биде ослободена од данок, намалување на цената на струјата на седум центи за киловатчас, субвенција за добиточна храна, 100 отсто надомест и оштета за загубениот приход од производите.