Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу вчера на отворањето на економскиот форум во Делфи изјави дека нејзината земја има водечка улога во рамките на Европската унија во поддршката на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во ЕУ.
„Како деветта најстара членка на денешната ЕУ, Грција игра водечка улога во поддршката на пристапните преговори со Западен Балкан и во подобрувањето на политичките и економските односи на сите земји во Југоисточна Европа и Источниот Медитеран“, рече Сакеларопулу.
Делфи, грчки град на 160 километри од Атина, оваа недела е домаќин на Економскиот форум Делфи, кој е источноевропска верзија на економскиот форум во Давос.
Најавени се повеќе од 900 учесници.
Меѓу темите ќе биде и политичката ситуација во Југоисточна Европа, со акцент на Босна и Херцеговина и преговорите меѓу Белград и Приштина за статусот на Косово.
За време на грчкото претседавање со ЕУ во 2003 година, беше усвоена декларација во која за прв пат беше наведено дека иднината на Југоисточна Европа е во рамките на ЕУ. Оттогаш поминаа 20 години, но само Хрватска влезе во ЕУ во 2013 година.
Грчката претседателка, сепак, смета дека руската инвазија на Украина треба да ги забрза пристапните преговори со Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија.
„ЕУ созреваше геополитички поради руската инвазија. Таа сфати дека економската и енергетската зависност од авторитарни режими не обезбедува мир.Грција, како органски дел од Европа и Западот, од првиот момент побрза да ги брани вредностите на меѓународното право од агресивниот ревизионизам. Поддршката за украинскиот народ, чија иднина во демократска Европа се мир и просперитет, останува обврска на Западот“, рече Сакеларопулу.
Грција ја поддржува Украина, која беше нападната од Русија пред 14 месеци.
Осврнувајќи се на подобрувањето на односите меѓу Грција и Турција по разорните земјотреси во февруари и помошта испратена од Грција, таа рече дека тоа „ги зближува двата соседни народи и создава надеж за нова, подобра ера во билатералните односи“.