Како последица на топлотниот бран, кој ќе трае до следната недела, на повеќе места во Грција изминативе денови беснеат пожари. Властите објавија дека пожарникарите сè уште се борат неколку пожари низ целата земја, а грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повика на апсолутна будност

Во Грција и викендов важат предупредувања за високи температури, а метеоролозите предупредуваат дека температурите може да достигнат и до 45 Целзиусови степени.

На јавноста ѝ е препорачано да не излегува надвор освен ако е апсолутно неопходно, а туристичките атракции ќе бидат затворени во најжешките делови од денот овој викенд.

Според еден од водечките грчки метеоролози, овој викенд би можел да биде најтоплиот јулски викенд во Грција во последните 50 години.

„Овој викенд најверојатно ќе биде најтоплиот регистриран во јули во последните 50 години. Атина ќе има температури над 40 степени Целзиусови за шест до седум дена, до крајот на јули“, рече во петокот Панајотис Јанопулос, метеоролог на државната телевизија ЕРТ.

Како последица на топлотниот бран, кој ќе трае до следната недела, во Грција изминативе денови беснеат пожари. Властите објавија дека пожарникарите сè уште се борат со неколку пожари низ целата земја, а грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повика на апсолутна будност.

Пожарникарите, поддржани со засилувања од неколку земји, вклучително Кипар, Франција, Израел и Италија, се борат да го контролираат шумскиот пожар западно од Атина кој пеплоса шумски површини и принуди евакуација.

Петти ден по ред активен е и пожарот на островот Родос, а пожарникарите од воздух и од копно се справуваат со огнените јазици. Со бродови на крајбрежната служба по морски пат и со автобуси на копно, превентивно се евакуираат жителите и туристите од приморските областите Лардос и Киотари во источниот дел на островот поради големиот пожар што веќе петти ден е вон контрола.

Грција е само една од земјите што се борат со екстремни горештини ширум светот во последните денови.