До крајот на јуни или средината на јули ќе биде вакциниран еден голем дел од грчкото население, ќе го постигнеме она што се нарекува ѕид на имунитет, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, кој е надлежен за процесот на имунизација во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за грчката државна телевизија ЕРТ, Темистоклеус објасни дека пред колективниот имунитет, на крајот од април или почетокот на мај, кога се очекува да бидат вакцинирани сите граѓани на возраст од над 60 години, како и ранливите категории со висока опасност, ќе се создаде еден „прв ѕид на имунитет“.

Во однос на вакцината на Астра Зенека, објасни дека надлежната комисија ќе одржи состанок, но истакна дека не се очекуваат драстични промени во програмата за вакцинација, единствено би можело да се донесе одлука за ограничувања поврзани со возраста.

Темистоклеус потенцираше дека и покрај натписите во медиумите и различните ставови на земјите од Европската унија, во Грција, и понатаму е висок процентот на граѓаните што се имунизираат со конкретната вакцина.

Учеството е над 90 отсто, а во изминатите седум дена, во просек е 93 проценти и станува збор за 10 до 12 илјади вакцинации дневно.