Министерката Натаниелсен вели дека реториката за анексија е навредлива и опасна

Американска инвазија на Гренланд би се сметала за напад врз сите сојузници на НАТО, порача министерката за енергетика на територијата, Наја Натаниелсен.

На прес-конференција во Лондон, таа предупреди дека евентуална воена акција од САД би значела сериозно рушење на меѓународниот поредок.

Според неа, таков чекор би претставувал „колапс на владеењето на правото“ и би ги оставил западните сојузници пред нова реалност.

„Би морале да сфатат за што станува збор во овој нов светски поредок“, изјави Натаниелсен.

Одговарајќи на прашање за можната улога на НАТО, министерката посочи дека ситуацијата би била без преседан.

„Навистина не можам да одговорам на вашето прашање, бидејќи тоа имплицира дека една земја би била нападната од друг НАТО партнер, но всушност сите ние би биле под напад“, рече таа.

Натаниелсен додаде дека Гренланд се чувствува „предаден“ поради изјавите и барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија.

„Сметаме дека реториката е навредлива, како што кажавме многупати претходно, но исто така и збунувачка бидејќи не направивме ништо освен што ја поддржавме тезата дека Гренланд е дел од американскиот национален личен интерес“, изјави таа.

Притисоци од Вашингтон и нов закон

Посетата на министерката на Велика Британија се случува во период на зголемени притисоци од Вашингтон. Трамп повеќепати изјави дека Гренланд е клучен за американската национална безбедност. Вчера, член на Републиканската партија предложи закон за анексија на Гренланд како 51-ва сојузна држава на САД.

Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд утре патуваат во Вашингтон. Таму е предвидена средба со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.