Јужнокорејската криптоберза Bithumb соопшти дека успеала да врати речиси целосно огромна количина биткоини кои поради интерна грешка биле погрешно префрлени на кориснички сметки, настан што краткотрајно предизвика потреси на пазарот.

Инцидентот се случил во петокот околу 19 часот по локално време, кога при исплата на награди од промотивна кампања, 249 корисници добиле далеку поголеми износи од предвидените. Наместо симболични суми во корејски вони, секој од нив добил во просек по 2.490 биткоини, што во тој момент вредело околу 166 милиони долари по корисник.

Од берзата објаснија дека трансакциите биле веднаш стопирани во 19:40 часот, штом била воочена грешката. Според официјалните податоци, 618.212 биткоини биле брзо вратени на сметките на Bithumb, а дополнително биле повратени и 93 проценти од 1.788 биткоини кои дел од корисниците успеале накратко да ги продадат.

Сепак, 125 биткоини сè уште не се вратени, а берзата соопшти дека работи на нивно целосно повлекување.

Причината за инцидентот била човечка грешка – вработен по погрешка ја внел единицата за исплата како „BTC“ наместо „корејски вон“, што автоматски активирало енормни трансакции.

Настанот накратко влијаел и врз пазарот, предизвикувајќи краткотраен пад на цената на биткоинот на платформата, бидејќи дел од корисниците се обиделе веднаш да ги продадат средствата.

Од Bithumb наведуваат дека преземаат дополнителни мерки за спречување на вакви пропусти во иднина и за зајакнување на контролите во процесите на исплата.