Стапката на субјективна сиромаштија во ЕУ падна на 17,4% во 2024 година

Според последните податоци на Евростат, во 2024 година 17,4% од населението на Европската унија се сметало за субјективно сиромашно, што претставува подобрување во однос на 19,1% регистрирани во 2023 година.

Највисоки и најниски стапки по земји

Меѓу земјите на ЕУ, највисока стапка на субјективна сиромаштија се забележува во Грција (66,8%), следат Бугарија со 37,4% и Словачка со 28,7%. Најниски стапки се пријавени во Холандија и Германија (по 7,3%) и Луксембург (8,5%).

Сиромаштијата според возраст и региони

Гледано по возрасни групи, најголем ризик од субјективна сиромаштија се јавува кај младите под 18 години, каде стапката изнесува 20,6%. Кај возрасните од 18 до 64 години е 17,3%, а кај лицата над 65 години 14,9%.

Податоците за земјите од Западниот Балкан кои се кандидати за членство во ЕУ се од 2023 година. Според нив, најмногу граѓани кои се сметаат за сиромашни се регистрирани во Албанија (54,2%), следат Црна Гора (50,0%), Северна Македонија (48,4%) и Србија (41,8%).