Премиерот во заминување Зоран Заев ќе продолжи да биде премиер до средината на јануари следната година, вели првиот вицепремиер Артан Груби во гостувањето на „Клик плус“ на ТВ21.
Тој објасни дека останувањето на премиерската функција ќе зависи и од преговорите со Бугарија, но и од имплементацијата на новиот договор за влада.
Заев нема да ја напушти премиерската функција во следните неколку недели, бидејќи ќе треба да се заокружи овој процес и сметам дека во средината на јануари, а можеби и подоцна, тој ќе си замине од функцијата, рече Груби.
Вицепремиерот, исто така, истакна дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е согласен да има премиер Албанец во последните 100 дена на владата.
Договорот помеѓу ДУИ и СДСМ е да има премиер Албанец 100 дена пред парламентарните избори. Тоа е разговарано со Зоран Заев и со Али Ахмети. Интересно е тоа што Заев предвидел дека последните 100 дена на владата ќе ги води премиер Албанец. За тоа е согласен и новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Е сега, да кажам дека и во ВМРО-ДПМНЕ се согласни да има премиер Албанец. Тоа е разговарано помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Се мисли на последните 100 дена на оваа влада. Лично за ова разговарале Ахмети и Мицкоски – истакна Груби.