Груевски преку Фејсбук статус вели дека власта непотребно го вознемирува неговото семејство. Тој детално го објаснува овој претсрес, а ние ви го пренесуваме во продолжение:

„Во врска со денешните натписи во медиумите за претрес во моето живеалиште во Скопје и пронајдени наводни нови станови сакам да информирам што всушност реално се случува.

Денес, репресивните органи на власта, речиси две и пол години по моето заминување од Македонија и добивање азил во Унгарија, во 06 часот изутрина упаднаа во станот каде живеат моите две деца и сопругата со цел да извршат претрес.
Немале потреба да прават такви вознемирувања на моето семејство и особено на децата, бидејќи што и да побарале ќе им било дадено. Освен ако тоа вознемирување не било една од целите.

Како што на јавноста одамна и е познато јас низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност.

Непостои ништо друго надвор од тоа. Не постои никаков скриен имот,стан или земјиште. Ниту сум купил, ниту платил, ниту продал било какво земјиште, стан или друг движен и недвижен имот, што впрочем може да се провери и во катастерот.
Надвор од ова, мајка не поседува никаков стан во Арродром. Поседува стан во Капиштец купен на кредит во 1984 година.
Непостои некаков мој стан на име на моја секретарка како што денес напишаа дел од медиумите.

Напамет не ми паднало да земам пари од партијата или чланарини од членството за да купувам имот. Впрочем ако целта ми била да живеам во голема удобност имав можност како премиер заедно со семејството да се преселам и десетина години да живеам во многу поголема, побезбедна и поудобна државна вила, што не го направив.

Подолг период власта врши притисок, уцени и закани врз лица да ги натераат да бидат лажни сведоци дека нешто што е нивно или нечие, било мое. Употребуваат најбрутални методи од најниски лични уцени и тешки закани по нивната слобода, семејство и имот, па до одредување притвори и други нечовечки методи.

Целта им е да ме обвинат за некаков скриен имот а со тоа и за перење пари, за “да докажат” некакви перење пари кое непостои.
Освен што е потребно да докажат дека нешто наводно поседувам а кое не е пријавено, за да ме обвинат со квалификација “перење пари”, согласно Законот, потребно е да докажат и од каде се парите за истото да се купи. Оттука немајќи што друго да кажат или смислат, одат на тоа дека сум користел партиски пари, што е безочна лага и невистина. Тоа го прават затоа што не знаат што друго да смислат за да ја затворат лажната конструкцијата за која имаат исклучително политички мотиви и која е дел од политичкиот прогон против мене и обид за мое оцрнување и преставување во очите на јавноста тоа што не сум.

Покрај ова, во услови на секојдневни криминални афери на власта, неработење, национални предавства и неуспеси, тотално потфрлање со справувањео со пандемијата и (не)набавката на вакцини, пописот кој го започнаа со закон од кој е јасно дека се остава простор за големи манипулации, прогонот го користат и како алатка за дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и неуспеси на власта.“, напиша Груевски на Фејсбук.

Во врска со денешните натписи во медиумите за претрес во моето живеалиште во Скопје и пронајдени наводни нови станови…

Posted by Nikola Gruevski on Tuesday, March 23, 2021