Групацијата АРИКОМА (ARICOMA) и „Мусала Софт“ најавуваат договор за аквизиција на „Мусала Софт“. Групацијата АРИКОМА, која е дел од KKCG, е европски давател нa ИТ услуги и напредни технологии, кој се развива со забрзано темпо. Оваа инвестиција е уште еден чекор напред во стратешкиот развој на АРИКОМА.
Со „Мусала Софт“, Групацијата АРИКОМА ќе се состои од 10 технолошки компании со консолидирани приходи од 400 милиони евра, добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) од 39 милиони евра, и повеќе од 4000 вработени.
„Со преземањето на ‘Мусала Софт’, стануваме лидер во развојот на софтвер од Југоисточна Европа. ‘Мусала‘ природно се вклопува кон АРИКОМА и нашата цел да станеме европски лидер, и токму затоа се радуваме што ќе работиме заедно. Нивната иновативна култура и извонреден кадар дополнително ќе ги зајакнат нашите вештини како и нашиот потенцијал на пазарот. Принципите за развој на бизнис што ги има инкорпорирано лидерскиот тим на компанијата, во фокус го ставаат клиентот и се темелат на пристапот за решавање на проблеми. Веруваме дека, како дел од АРИКОМА, ‘Мусала‘ ќе доживее значителен успех и дека заеднички ќе ги забрзаме нашите долгорочни планови за раст и создавање вредност“, вели Лудовик Гауде, извршен директор на АРИКОМА Дигитал.
„Со нетрпение чекаме да ги здружиме нашите сили со АРИКОМА и KKCG и да започнеме ново и побрзо поглавје од нашиот развој. Взаемната синергија, која се должи на заедничка и комплементарна база на клиенти и експертиза, ни дава доверба и ја зголемува возбудата за она што е пред нас. Се разбира, ние ќе ја задржиме, а заедно и ќе ја продлабочиме посветеноста за развојот на ИТ заедницата, деловната клима, информатичкото образование, науката, иновациите и поддршката на млади таленти“, вели Елена Маринова, претседател на Одборот на „Мусала Софт“.
„Задоволен сум што успеавме да постигнеме договор со ‘Мусала‘. Ова е наша втора аквизиција годинава и е дел од нашата стратегија да ја издигнеме АРИКОМА во значаен играч во Европа. ‘Мусала‘ има интересно портфолио на клиенти, што ќе ги зајакне нашите вертикали во телекомуникацискиот, финансискиот и автомобилскиот сектор. И покрај предизвиците со кои се соочува денешницата, ИТ секторот продолжува да расте и да ја зголемува својата релевантност. Ние остануваме оптимисти во однос на долгорочниот потенцијал на индустријата“, додава Михал Томанек, директор за инвестиции во технологија на Групацијата KKCG, инвестициската компанија што стои позади Групацијата АРИКОМА.
Договорот кој го потпишаа сопствениците на „Мусала Софт“ и групацијата АРИКОМА е за продажба на 100-процентен удел во компанијата. Целокупниот менаџерски тим на „Мусала Софт“ ќе остане во одборот на долг рок и активно ќе учествува во градењето на иднината на АРИКОМА. Се очекува трансакцијата да биде одобрена од соодветните антимонополски институции и да се реализира во четвртото тромесечие од оваа година.