Актерите Џаред Лето и Меколи Калкин настапија како модели на ревијата на „Гучи“, што се одржа на булеварот Холивуд во Лос Анџелес. Италијанската модна куќа ја трансформираше славната улица во модна писта за потребите на шоуто насловено „Парада на љубовта“, додека во публиката беа ѕвезди како Мајли Сајрус и Били Ајлиш.
Тајмингот на ревијата, на која креативниот директор на „Гучи“ Алесандро Микеле претстави низа нови дизајни, беше необичен зашто не се совпадна со најпрестижните модни недели во Лондон, Милано, Париз или Њујорк. Микеле во мај 2020 објави дека неговиот бренд ќе го напушти традиционалниот моден календар за да одржува самостојни ревии двапати годишно.
Овојпат, таа се одржа пред театарот „Долби“, каде што се доделуваат оскари. Џаред Лето беше меѓу славните личности кои не само што присуствуваа на шоуто, туку и учествуваа во него. Тој го глуми Поало Гучи во новиот филм на Ридли Скот, „Куќата на Гучи“.