– Многу сум загрижен поради моменталната состојба. Некои земји го вакцинираат своето население многу брзо, но сепак имаме земји кои не примиле ниту една доза од вакцината. Вакциналниот национализам е голема грешка. Генерално, гледаме огромна разлика меѓу вакцинациите во светот во развој и развиениот свет, додаде Гутереш.

Тој потсети на иницијативата Ковакс насочена кон дистрибуција на вакцини во земјите во развој.

– За жал, на Ковакс и денес му недостасуваат средства – околу 22 милијарди долари, рече генералниот секретар на ОН и додаде дека сега има проблеми и со снабдувањето поради ограничувања на извозот во различни земји.

Гутереш ги повика производителите на вакцини против коронавирус да ги здружат силите за да го удвојат производството.

– За мене е очигледно дека глобалното производство на вакцини треба да се удвои за да ги задоволи сите потреби. И тоа бара соработка, рече тој.

Генералниот секретар на ОН потсети на неговиот повик до Г20 да развие глобален план за вакцинација кој ќе ги зајакне капацитетите на сите земји и компании кои произведуваат вакцини.

– Се надеваме дека сите производители на вакцини ќе можат да се здружат за да создадат глобален план за вакцинација кој ќе ги опфаќа сите луѓе во сите земји, истакна тој.