Сообраќајот на државните патишта во попладневните часови се одвива без проблеми, но е зголемен бројот на возила на патните правци надвор од населените места. Коловозите се суви, информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Поголеми задржувања се регистрирани на дел од граничните премини поради засилен интензитет на сообраќајот. На Граничниот премин Табановце, за влез во државата се чека околу два часа, додека за излез од земјава времето на чекање е околу 30 минути.
На ГП Пелинце (Прохор Пчињски), возачите за влез чекаат околу еден час, а за излез околу 20 минути. На ГП Богородица, задржувањето во двата правци изнесува околу еден час.
На ГП Дојран, пак, времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини во моментот нема подолги задржувања.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината според условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност за појава на одрони.
Од АМСМ како делници на кои е потребно дополнително внимание ги посочуваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
