До 18 часот денеска на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор. Од нив, пет сè уште се активни, додека десет се целосно изгаснати, информираа од Центарот за управување со кризи.

Пожари во Василево, Кичево и Кавадарци

Во Општина Василево активен е пожарот меѓу селата Доброшинци и Василево, каде што се зафатени сува трева, стрништа и дива депонија.

Пожар има и во атарот на кичевското село Зајас, каде што гори стрниште, како и меѓу кавадаречките села Раец и Ќесендре, каде што огнот зафатил нискостеблеста шума и сува трева.

Пожарот кај Прилеп се шири во три правци

Активен е и пожарот во селото Теарце, во Општина Теарце, каде што гори површина со ниви, стрништа и сува трева.

Во месноста Тризла Теке кај Прилеп гори депонија, а според информациите од ЦУК, пожарот се шири во три правци – кон Маркови Кули, кон превојот кај црквата „Богородица“ и кон Три Багреми.

Изгаснати десет пожари

Во меѓувреме, изгаснати се десет пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во општините Бутел, Шуто Оризари, Битола, Велес, Брвеница, Куманово, Старо Нагоричане, Липково и Македонски Брод.

Од Центарот за управување со кризи упатија апел до граѓаните да бидат внимателни и одговорно да се однесуваат при движење и престој на отворено, за да се спречи појавата на нови пожари.