Расте револтот кај вработените на Клиниката за токсикологија. В.д. директорка Бесија Иљази не сака да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно ги турка 18-мина на кои лани им завршиле договорите. Откако ги повика новинарите, директорката рече само „здраво на сите“ и почна да зборува на албански јазик. Кога новинарите ја прашаа дали ќе се обрати на македонски, таа кратко кажа „Не“.

Добар дел од новинарите ја напуштија прес конференцијата.

Претходно, д-р Нико Беќаровски заедно со уште пет докторки од стручниот колегиум на Клиниката, реагираа на односот и отпорот на Иљази. Тој рече дека нема притисок, кога нема комуникација.

Министерот за здравство, пак, Илир Демири, рече дека немал замерки за работењето на директорката и најави разрешување на медицинскиот директор д-р Данил Петровски.

Вработените Токсикологија алармираат и дека од назначувањето на директорката, долгот на Клиниката за помалку од два месеца пораснал близу до два милиона денари. Капак на се, е дека сега не работи Токсиколошката лабораторија.

Извор: МРТ