Скандалот на клиниката за Онкологија, кој го видоа пациентите и медиумите, изминативе два месеци беше предмет на молк од обвинителството. Документите за скандалот „Диво месо“ кои ги обелодени ВМРО-ДПМНЕ откриваат како канцер мафијата заработувала од пациентите на Онкологија. Тие, исто така, покажуваат како скапа терапија била купена на големо од претпочитаната веледрогерија на владата. Во меѓувреме, пациентите сведочат за недостаток на третман, вклучително и како системот наменет за регулирање на потрошувачката на терапија бил намерно исклучен, како терапијата била спроведена без следење на протоколот и користена на друго место, како и знаци дека терапијата се продавала нелегално и дома и во странство, според ВМРО-ДПМНЕ.
-Намерно на клиниката владеел башибозлук за да може во матно да се печали, односно клиниката да тоне во долгови, добавувачите да трупаат добивки, а пациентите и покрај потрошените тешки милиони, пак да трпат за третмани и за терапија. Најдобар пример за системски пропусти и недоследности бележи и самиот извештај од финансиската контрола на клиниката за Онкологија. Тој утврдил дека во недостиг на официјални протоколи, листата со лекови од ФЗОМ не им е доставена на лекарите како насока за препишување. Онкологија имала тендери за лекови без одобрение на Фондот, што само покажува дека се набавувало без систем и без усул се трупале финансиски обврски кон добавувачот. Исто така, на одделот за карцином на дојка не се приложувал специјалистички извештај од „Мој термин“, туку сосема друга форма каде што тешко се следи заболувањето, испитувањата и терапијата. Креиран е тотален хаос, со цел во тој хаос некој да профитира, истакнуваат од партијара.
Ова било невозможно да се случува без знаење на највисоките структури на министерството и власта.
И покрај ова, обвинителството ги има сите овие ужасни информации на увид и се уште не презема ништо. Јовески моли кај властите за уставен судија, а на Абази пола партија ДУИ му стои на глава. Ако Обвинителство и власта мислат дека скандалот на Онкологија ќе го забошотат, тогаш се лажат. Овој случај, како и сите други трагедии кои се случија, а беа затворени по принципот „кабелот е крив“, по промената на власта ќе бидат детално истражени и одговорните ќе бидат казнети, се наведува во партиското соопштение.