Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, денеска е осуден на 17 месеци затвор за попречување на правдата, два месеца откако во истиот суд доби 25 години затвор за воени злосторства. Обвинителството бараше шест години затвор.
Пресудата ја изрече судијата поединец на Специјализираните совети на Косово во Хаг, Кристофер Госнел, кој го прогласи Тачи за виновен за обид за попречување на службени лица во вршењето на службените должности, повреда на тајноста на постапката и непочитување на судот.
Како што е наведено во соопштението на судот, казната од 17 месеци затвор Тачи ќе ја издржува одделно од казната изречена во предметот за воени злосторства.
Судијата, според соопштението, истакнал дека попречувањето на службените должности во врска со судски процес што е во тек претставува напад врз интегритетот на правосудниот систем, кој е темел на владеењето на правото.
Судот утврдил дека Тачи за време на посетите во притворот во Хаг им испраќал инструкции на сведоците како да сведочат во главниот процес против него. Фадил Фазлиу, според пресудата, ден по посетата ги пренел инструкциите на Тачи на сведокот Ррустем Мустафа, вклучувајќи го и советот да негира дека добивал какви било пораки од Тачи.
Поранешниот директор на Косовската разузнавачка агенција, Башким Смакај, добил писмени инструкции од Тачи наменети за сведокот Бислим Зирапи. Тие инструкции подоцна биле пронајдени во домот на Смакај, а дигиталните докази покажале дека Смакај и Зирапи се сретнале по посетата, што судот го оценил како разговор за добиените инструкции.
Тачи на своите соработници им откривал и доверливи информации за други сведоци на обвинителството, со што ја прекршил тајноста на постапката и судската забрана за контактирање со сведоци.
Смакај и Фазлиу се осудени на по 12 месеци затвор за обид за попречување на службени лица и помагање во непочитување на судот. Судијата, земајќи го предвид времето поминато во притвор, заклучил дека двајцата веќе ги издржале казните и ги ослободил.
Поранешниот министер за правда, Хајредин Кучи, е осуден на еден месец затвор, условно на една година, бидејќи му испратил порака на сведокот Мустафа и покрај судската забрана.
Поранешниот градоначалник на Малишева, Исни Килај, е ослободен од сите обвиненија бидејќи судот не утврдил дека на заштитениот сведок му ги пренесувал инструкциите на Тачи. Сепак, Тачи е прогласен за виновен и за овој случај, но само затоа што на Килај му открил доверливи информации за сведоците.
Специјализираните совети на Косово на 16 септември го осудија Тачи на 25 години затвор за убиства, мачење, сурово постапување и незаконско затворање за време на војната на Косово во 1998 и 1999 година, кога тој бил еден од лидерите на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Во истата постапка, Јакуп Красниќи беше осуден на 25 години, Кадри Весели на 18, а Реџеп Сељими на 13 години затвор. Тие беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото, а пресудата не е правосилна.
Тачи се наоѓа во притвор во Хаг од ноември 2020 година, кога поднесе оставка од функцијата претседател на Косово за да се соочи со обвиненијата. Судот најави дека наскоро ќе објави подетален преглед на денешната пресуда.
