Словачкиот премиер Едуард Хегер во неделата објави дека од претседателката на земјата Зузана Чапутова побарал да го разреши од должноста, откако заминувањето на министрите ја потресе неговата влада.

Хегер со претседателката Чапутова, којашто има овластување да именува нов технички премиер, би требало да се сретне подоцна во неделата.

Словачкиот премиер беше соочен со повиците од опозицијата да создаде можност за формирање технократска влада којашто би ја водела оваа централноевропска земја, поранешна членка на заедничката комунистичка држава Чехословачка, до изборите закажани за септември годинава.

Во петокот од должноста отстапи министерот за надворешни работи, по низата министри кои тоа го сторија претходно.

„Решив да побарам од претседателката да ме разреши од овластувањата за да ѝ остане простор за да се обиде со технократска влада која стабилно и мирно ќе ја води Словачка до демократските парламентарни избори“, рече Хегер на прес-конференцијата.

Владејачката коалиција го изгуби парламентарното мнозинство во септември минатата година кога го напушти либертаријанската партија SaS, подоцна обвинувајќи ја владата дека не сторила доволно да му помогне на населението погодено од растот на трошоците за енергијата. Хегер од тогаш управува со малцинска влада.

Како и другите европски земји, и Словачка финансиски ги помагаше компаниите и домаќинствата поради растот на енергетските трошоци и инфлацијата.

Меѓупартиските обвинувања ја парализираше политиката во земјата којашто е членка на Европската унија и на НАТО, која е вклучена во помагањето на Украина во војната против инвазијата на Русија.