Нехигиената е нешто што прво се забележува по влезот во двете основни училишта во Крива Паланка.

На прагот на 2023-та година, во XXI век, додека цел свет оди напред во образовниот систем со најнови технологии и современи услови, ние во Македонија сме соочени со основни проблеми во сите генерации. И кога зборуваме за основни проблеми, се соочуваме со прашања во кои дефинитивно се допира дното. Темата која денес ја објавуваме е нешто за кое е срамота да се зборува, но срамот е кај надлежните во повеќе скалила.

Тоалетите во основните училишта во Крива Паланка се жив извор на зарази бидејќи хигиената во нив е на најниско можно ниво. Тоалетните школки кои ги користат дечиња не се чистат со денови.

Во Крива Паланка има две основни училишта, „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“. Децата од цел град одат на настава токму овде. За иронијата да биде поголема, едно од училиштата пред извесно време е реновирано. Но, што значат за децата новите тоалетни школки, доколку поради нехигиената во нив мораат да избегнуваат да ги користат?

Револтирани, а пред сè загрижени родители, ја контактираа редакцијата на КУРИР, за да ја информираат дека не успеале да допрат до надлежен со слух за овој проблем во општината.